Oваа година Тирана ја одбележа својата 100-годишнина како главен град на Албанија. Град кој е познат по своите бои, контраст, диверзитет и културни вкрстувања и богата историја што ги отелотворува османлиските, италијанските и советските влијанија. Веднаш по падот на најсуровиот комунистички режим во Источна Европа, Тирана изгледаше како главен град на Северна Кореја. Тоа беше град со 170.000 жители со 170 автомобили, до кои имаа пристап само елитите и кадарот на партијата. Остатокот од населението патуваше пеш или со велосипед, не затоа што самите така избрале, туку поради сиромаштијата.
Падот на комунизмот имаше радикално влијание врз инфраструктурата и социјалниот живот на градот, влијаејќи длабоко врз неговиот менталитет и животен стил. Тирана доживеа болен процес на транзиција со хаотична урбана трансформација. Одеднаш луѓето навалија кон главниот град од секој агол на земјата, барајќи нови можности и нов живот. За 30 години, од падот на комунизмот, Тирана стана град со еден милион жители и 170 илјади возила.
Кога ја презедовме функцијата пред пет години, наследивме град полн со возила, неорганизиран сообраќај, загадување, незаконски окупирани јавни простори и, пред сè, немаше ниту еден простор за играње за децата. Во 25 години демократија, децата биле заборавени и изоставени од било каква агенда за урбанистичко планирање и политика. Застапувањето за инфраструктура пријателска за децата во град кој доживеа рапидно урбано проширување и пораст на населението, под силни буџетски ограничувања, звучеше како лудило. Потребно беше иновативно, креативно размислување за да се придвижи такво големо прашање.
Под овие околности, опциите беа ограничени. Почнавме да работиме на инфраструктура пријателска за деца преку „урбана акупунктура“[1]– точно определени интервенции што ни овозможија да предизвикаме мали промени кои можат да ги катализираат преголемите социјални влијанија. Придавањето на чувството на сопственост кон процесот на трансформација на градот беше клучен потег за спротивставување на апатичното однесување што беше вообичаено меѓу граѓаните на Тирана.
За опис на урбаната акупунктура, проверете: www.arup.com/perspectives/urban-acupuncture
Од првиот ден во канцеларија, сите бевме свесни дека инфраструктурата за деца е сиромашна, но не бевме во можност да ја процениме реалната состојба додека самите не ги искусивме условите во градинките. Беше застрашувачки. Изгледаа како затворски ќелии: не е ни чудо што имавме толку многу насилство, неучтивост и ѓубре по улиците. Откривме дека, несакајќи, сме живееле во град без грижа и љубов кон децата.
Од „усвојување градинка“ до „денови без возила“
Наскоро по ова откритие, организиравме голема кампања „усвојуваме градинка“ во нашиот град. Повикавме компании, дизајнери, професионалци, студенти и сите со енергија и подготвеност да помогнат. За рекордно време, успеавме да ги трансформираме нашите градини во отворени простори, со многу бои, живописни украси и со сите потребни погодности. Одговорот беше фантастичен. Поради тоа, решивме да продолжиме понатаму ослободувајќи ги сите окупирани простории во градинките и училиштата, кои луѓето ги користеа како паркиралишта.
Со оглед на тоа што растењето на децата и когнитивниот и бихевиоралниот развој се поврзани со она што се случува надвор, решивме да се фокусираме и на игралиштата и парковите и мобилноста на овие дестинации. Ова беше можност да се подобри благосостојбата на децата овозможувајќи им да го искусат градот и да изградат поврзаност со светот околу нив.
Успеавме да изградиме најсовремено игралиште за деца кај Езерото на Тирана, каде неочекувано наидовме на голем отпор од граѓаните – и политичарите – кон градењето „внатре“ во парк. На денот кога се отвори игралиштето, местото изгледаше како митинг – не со возрасни, туку со деца кои си играа. Овој успех нè мотивираше да градиме се повеќе игралишта во секој дел од градот, на секој простор претходно окупиран од возила. Продолживме изградба на 60 нови игралишта, а денес скоро секоја населба во градот има област посветена на децата.
Интересно, овие игралишта сега се користат не само од децата, туку и од постари луѓе и млади родители. Постарите луѓе ги користат како простори за рекреација. Младите родители ја користат можноста да се чувствуваат порелаксирано од порано, оставајќи ги своите деца да играат на отворено, додека го користат времето за професионални ангажмани.
Нетрпеливи да видиме повеќе промени во овој поглед, отидовме понатаму, воведувајќи ги иницијативите ‘денови без возила’ и ‘да ја исчистиме Тирана за еден ден’. Возрасните повторно избувнаа, жалејќи се и пружајќи отпор – но овој пат знаевме што да правиме. Се осврнавме за поддршка кон нашите најдобри сојузници: децата. Не нè изневерија. Како и секогаш, тие целосно учествуваа во овие иницијативи за да уживаат во еден ден без возила и да помогнат во чистење на градот. Со една магична сила за промена, децата станаа наши главни застапници за трансформација на Тирана во град пријателски за децата.
Денес, Тирана има многу повеќе што да им понуди на децата. Плоштадот Скендербег го трансформиравме во исклучиво пешачки плоштад. Околу 40.000 м2 кружен тек, посветен на возила, во моментов е најголемото игралиште во Тирана, каде што децата можат да уживаат во денот без возила во секое време и на многу почист воздух. Ние исто така ја украсуваме Тирана со зелен појас од два милиони дрвја, што ќе биде клучно во решавањето на еколошките прашања на градот.
Наследство за отпорен град
Пред четири години, се приклучивме на Рамката на зелените градови и, заедно со Европската банка за обнова и развој, го изработивме Акцискиот план за зелен град за Тирана. Врз основа на нашите мерења, возилата во Тирана правеа 800.000 патувања на ден, од кои 400.000 беа на растојание од 500 метри. Овие зачудувачки бројки ја зголемија нашата решителност да ја поразиме доминацијата на возилата и да го искористиме јавниот простор за повеќе игралишта, паркови, пошироки тротоари, велосипедски ленти и денови без возила.
Овој акционен план ги постави темелите за подобрување на квалитетот на средината, здравјето и благосостојбата на нашите деца и семејства. За време на кризата на пандемијата, луѓето сфатија дека воздухот во градот е многу почист, а самиот град е многу потивок и побезбеден без возила. Тие сфатиле дека во град каде што нема тешка индустрија, најголеми загадувачи се автомобилите – реални непријатели на животот, не само за нив, туку и за нивните деца. Тие исто така сфатија дека е навистина остварливо и многу поздраво да стигнат до дестинациите до еден километар пешачејќи или возејќи велосипед заедно со своите деца.
Луѓето научија уште една витална лекција од коронавирусот. Она што ги прави градовите отпорни за време на една криза не се богатството и моќта, туку знаењето и единството. Преку нашите поранешни инвестиции во градинки, игралишта, пошироки тротоари и велосипедски ленти, градот Тирана, заедно со нашите граѓани, веќе започна едно извонредно патување на трансформација не само на инфраструктурата за образование на децата, туку и на нивниот начин на размислување. Она што започна како акупунктурни интервенции се претвори во мапа на патот за иднината на градот. Одеднаш, нашата мисија да им го вратиме градот на луѓето се смени во враќање на градот на децата.
Додека пандемијата сè уште не е завршена и улиците сè уште се празни од возила, ние интензивно работиме на искористување на овој момент за реалокација на повеќе простор за тротоари и велосипедските ленти. Тирана исто така развива девет нови полицентрични области за да ја ребалансира густината на градот и да обезбеди нови училишта, градинки, паркови и игралишта за секоја област. Целта е да се доближат основните услуги на оддалеченост од еден километар – дистанца со пешачење. Најдобриот дел е што сите урбанистички проекти во Тирана ги прифатиле концептите Urban95 и ‘8 до 80’за[2] дизајнирање инфраструктура од детска перспектива.
За повеќе детали, проверете: www.880cities.org/
Инфраструктурата пријателска за деца нема да има вредност ако децата не можат безбедно да одат пеш или со велосипед до омилените дестинации. Затоа, работиме со Националното здружение на службени лица на градски превоз на САД (NACTO), Глобалната иницијатива за пректирање градови, преку програмата Streets for Kids, за да дизајнираме и изградиме улици пријателски за деца. Во соработка со албанско-американската фондација за развој, Пирамидата на Тирана – симбол на комунизмот – се трансформира во „едукативна катедрала“, една од најновите локации на Центарот за креативни технологии ТУМО. Овој нов центар ќе обезбеди повеќе јавен простор каде децата ќе се дружат и ќе се стекнат со квалитетни знаења преку низа програми што ќе вклучуваат предавање на основите на ИТ и кодирањето.
Нашата амбиција е да на нашите деца им оставиме град каде ќе можат да бидат поздрави и поенергични, да напредуваат и да пораснат во возрасни кои ќе ја продолжат трансформацијата на Тирана во следните 100 години. Свесни сме дека не можеме да ја постигнеме оваа амбиција сами, без помош на родителите. Во овој бурен свет, од суштинско значење е тие да останат фокусирани на своите приоритети, балансирајќи ги своите одговорности и идентификувајќи ги реалните потреби на нивните мали деца – ние работиме и на ова. Ние веќе изготвивме добри иницијативи за претворање на родителите во „соученици“ кои им помагаат на своите малечки да ги завршат зададените домашни задачи. Општината, исто така, развива водич за „добро родителство“ за да им помогне на младите родители во одговорно образование и одгледување на нивните мали деца.
Во 2050 година, децата родени денес ќе наполнат 30 години – подготвени да управуваат со нашите градови. Начинот на кој ги растеме и едуцираме, ќе влијае на отпорноста на Тирана во следните 100 години. Градењето и дизајнирањето на нашиот град за нив е како да го скицирате планот на нашата иднина. Често велам дека нашиот најзначаен инфраструктурен проект што треба да се промени во градот не е булевар, ниту голема зграда; ние знаеме како да ги направиме тие. Тоа се тие 10 сантими помеѓу нашите уши – нашето размислување и начин на размислување – тоа е најтешката инфраструктура за трансформација. Иднината им припаѓа на децата.
Достапноста на овој напис за Прашања на Раното Детство на македонски јазик е овозможена од партнерската иницијатива на Фондацијата Бернард ван Лер и ISSA, во соработка со членот на ISSA „Здружение Мултикултура – Тетово“.









